Штитениците во Воспитно-поправниот дом (ВП Дом) „Тетово“, живеат дрогирани со седативи 24 часа на ден, алармира заменикот на Народниот правобранител Васка Бајрамовска – Мустафа. Иако најголемиот дел од 16 -те штитеници се деца, им се дава доза од пет до 20 милиграми од овие антидепресиви.
„Од увид во медицинските досиеја при посетата во јули, констатирано е дека сите деца од ВПД ‘Тетово’ примаат јака седативна терапија препишана од матичен лекар од Здравствен Дом Охрид или од специјалист доктор невропсихијатар, психијатар. Терапијата се состои во повеќекратни дози во текот на денот, (а особено во вечерните часови), при што им се препишани следниве лекарства за смирување: Дијазепам, Хелекс, Мендилекс, Депакине, Рисперидон и други, од 5 до 20 милиграми дневно, што со оглед на возраста на децата е многу силна доза“, стои во посебниот Извештај на Народниот правобранител по спроведената посета на Домот.
Место ресоцијализација, школување и активности за време на издржување на мерките, тимот ги затекнал децата седнати и поспани од силните седативи што им ги дале да ги пијат секој ден.
„Впечаток е дека поради јаките дози од терапијата која ја примаат, повеќето од нив немаат јасен фокус, делуваат отсутно и незаинтересирано за околината. Во таа смисла, неопходно е да се вршат чести контроли од страна на стручни лица – специјалист, доктор невропсихијатар или психијатар, со цел да се евалуира можноста за намалување на дозите на медикаментозна терапија која ја добиваат децата, а при тоа да се внимава на нивната психичка состојба. Адаптивното и контролирано однесување не може да се постигне единствено преку примена на медикаментозна терапија, туку е потребно пожелните облици на однесување да се развијат и преку тренинг на вештини и бихејвиорални третмани од страна на стручни лица“, вели Бајрамовска-Мустафа.
Психијатарот за деца и адолесценти, пак, кој дошол заедно со тимот на Народниот правобранител во посета на ВП Дом „Тетово“, од разговор со децата кои биле посконцентрирани, открил дека во психијатрискиот преглед најчесто не се одвивал во доверлива атмосфера, насамо со психијатарот.
При прегледот секогаш било присутно е лице од обезбедувањето, па место детето да одговара на прашањата од психијатарот, надзорникот ги давал одговорите.
„Многу ретко детето има можност самиот даги соопшти своите доживувања и чувства во врска со неговата состојба. Оттука произлегува дека дозите на ординираните лекови и регулирањето на терапијата зависат во најголем дел од информациите што психијатарот ги добива од придружбата на детето. Тоа нема можност да даде согласност или мислење во врска со ординираната терапија“, предупредува заменичката Народен правобранител Васка Бајрамовска – Мустафа.
Од увидот во Книгата во која се водат дневните терапии кои им се даваат на штитениците на Домот, произлегло дека некои од нив даваат отпор, односно дека понекогаш не сакаат да ја примат дневната терапија. Дел од штитениците му кажале на тимот што ги посетил дека одбиваат да ја примат дневната терапија, бидејќи од неа се чувствуваат поспано и малаксано и не можат да функционираат. Рекле дека не наидуваат на проблем, ако не сакаат да ги пијат седативите. Народниот правобранител констатира дека нема мултидисциплинарен пристап во третманот кон децата. Единствен стручен кадар кој е инволвиран во давањето стручна поддршка и третман кон децата се двајца психолози кои според систематизација се водат како воспитувачи.
Покрај ова, се констатира во Извештајот, не се вклучени специјални едукатори, иако имало и такви штитеници кои немаат официјална утврдена дијагноза, а покажале лесна интелектуална, но и комбинирана попреченост со психијатриски нарушувања.
За сите овие затекнати состојби од Народниот правобранител директорот на Управата за извршување санкции Јовица Стојановиќ вели дека веднаш е постапено по неговите препораки и оти деновиве и на писмено ќе го извести.
„Проблемите јас нема да дозволам да се влечат со години. Здравствената заштита во казнено-поправните установи е не е под Управата и под Министерството за правда, туку по закон, е под Министерството за здравство, но преземени се мерки состојбата да се поправи“, вели Стојановиќ.
Извор: СДК.мк