Владата го зголеми капитациониот бод за матичните лекари во примарното здравство за 8 денари. Тоа значи дека од 55 денари сега ќе изнесува 63 денари.
„Од 1 октомври капитациониот бод се зголемува за 15 отсто за матичните лекари, стоматолозите и гинеколозите кои имаат договори со Фондот за здравствено осигурување. За тоа се издвоени 465 милиони денари гоидишно за материјална и техничка поддршка на капацитетите за подобрување на услугата“, рече Ден Дончев, директорот на Фондот за здравство.
Министерот за здравство Венко Филипче најави дека покрај тоа ќе се олесни и административната работа на матичните доктори, но и обврските.
„Се олеснува и административната работа со воведување на кодирање и шифрирање на работата. Ќе следува подобрување на методологијата за плаќање на лекарите преку евидентирање на квантитетот и квалитетот базиран на докази. Покачувањето на капитационен бод е дел од сеопфатна реформа во здравствениот систем. Ќе се поттикнува превентивата во примарната здравствена заштита. Ова е уште една мерка од реформата на ниво на примарната заштита по консултации со Светска банка и Светската здравствена организација. Докторите ќе добијат и протоколи да повикуваат пациенти за рано откривање на болести. Сите матични пациенти да ги повикаат заради превентивни мерки. Ќе им се дозволи и препишување на терапија намето препраќање“, наведе Филипче.
Премиерот Зоран Заев рече дека ова е уште едно остварување од владината програма за да се спречи одливањето на медицинскиот кадар.
„ Повеќе лекари ќе останат дома, а граѓаните ќе добијат поширок спектар на здравствени услуги. Вредноста на капитациониот бод за матичните лекари се зголемува за 8 денари. Во 2017 во програмата запишавме зголемување на платите а сега го остваруваме“, изјави Заев.