По извештајот на Народниот правобранител дека во Воспитно-поправниот (ВП) дом „Тетово“, сместен во Охрид, воспитувачите ги ресоцијализираат штитениците – деца и малолетници со континуирана терапија со дијазепам, хелекс, депакине и други антидепресиви, Државниот здравствен инспекторат прави контрола на препишаната терапија од невропсихијатри.
Тимот на Народниот правобранител по затекнувањето на штитениците поспани под силна антидепресивна терапија која кај некои од нив била и по 20 милиграми дневно, најголема забелешка има што децата и малолетниците се жалеле на омалаксаност, замајаност и поспаност, а никој не обрнувал внимание на тие симптоми. Се продолжувало со терапијата, се вели во извештајот на Омбудсманот, без вработените во ВП Дом „Тетово“ да ги однесат на контрола овие „пациенти“ и да побараат повторно мислење од невропсихијатрите.
„За Народниот правобранител крајно неприфатливо е да не се следи состојбата на децата со таква сериозна терапија и да не се посвети внимание на симптомите кои јасно ги опишуваат и самите деца, па во тој контекст да се побара повторно мислење за пропишаната терапија од соодветно медицинско лице“, забележува Народниот правобранител во извештајот.
Покрај наведеното, Народниот правобранител констатира дека нема мултидисциплинарен пристап во третманот кон децата.
„Единствен стручен кадар кој е вклучен во давањето стручна поддршка и третман кон децата се двајца психолози кои според систематизација се водат како воспитувачи. Недостасуваат други стручни профили, како специјални педагози, едукатори и рехабилитатори, психотерапевти, (а по потреба и други стручни лица) кои би можеле да дадат посеопфатен (холистички) пристап во третманот на децата“, се наведува во продолжение на извештајот:
- По откритието дека децата ги ресоцијализирале со дијазапам и хелекс итно вонредна контрола во Поправниот дом Тетово
- Децата од воспитно поправен дом Тетово затекнати поспани од дијазепам, хелекс и депакине во дози од5 до 20 милиграми
Вработените психолози не употребуваат стандардизирани тестови или методи во работењето со децата, туку повеќе им пристапуваат интуитивно и се водат од претходното искуство од работа со ваквата категорија на деца, констатирал тимот на Правобранителот, кој за посетата ангажирал и надворешен соработник – психијатар.
„Вработените психолози подготвуваат т.н. Психолошки наод и мислење за секое дете, кој е многу оскуден и содржи минимални информации. Психолозите водат уредна евиденција за реализираните индивидуални разговори со децата, но тие содржат сосем краток опис на темата на која е воден разговорот“, се наведува во извештајот.
Оттука се поставува прашањето како по толку оскуден разговор со малолетните штитеници, тие завршиле на невропсихијатар и со дози на дијазепам, хелекс, мендилекс, депакине и други антидепресиви во дневни количини од 5 до 20 милиграми како што тврди Омбудсманот.
„Од увид во документацијата, како и од добиените податоци од службата на ВПД Тетово, произлегува дека, децата кои издржуваат воспитна мерка се на возраст од 16 до 22 години. Од вкупно 12 деца, 5 се сторители на кривично дело тешка кражба, 2 деца се сторители на кривично дело кражба, 2 се за полов напад врз малолетник, и 3 деца се сторители на кривично дело разбојништво. Најголем број од децата се припадници на ромската заедница, 1 е Македонец, 1-Албанец и 1- Турчин. Едно дете започнало да ја издржува воспитно-поправната мерка во 2014 година, две во 2015 година, две во 2017 година, пет деца во 2018 година и две деца во 2019 година. Најголем број од децата (вкупно 5) се без образование, 1 дете е со прво одделение, 2 се со трето одделение, 2 со петто одделение и со завршено основно образование се 2 деца“, стои во извештајот.
Осудените малолетници за убиство се во малолетничкиот затвор, а не во ВП Дом „Тетово“, каде што се издржуваат мерки, а не казни.
Директорот на Управата за извршување санкции Јовица Стојановиќ веднаш направи итен вонреден надзор во ВП Дом „Тетово“. Тој остава надлежните здравствени институции да извршат контрола во однос на препишаните терапии врз штитениците, кои не се под Управата, туку се под ингеренција на Министерството за здравство.
Стојановиќ за САКАМДАКАЖАМ.МК изјави дека сите препораки од последниот извештај на Народниот правобранител ги спровел, а дека деновиве ќе се спроведат и последните тендери околу електричната енергија во новоизградениот објект за децата со изречени мерки во Волковија, кој е изграден по европски стандарди, како за престој, така и за воспитување и ресоцијализација на децата со воспитни мерки изречени во судски постапки. Тој разговарал со штитениците и вработените, кои му кажале дека само постапувале по напаствијата и терапиите што им ги препишало стручно лице невропсихијатар од Здравствениот дом Охрид.