Загадениот воздух почна да ја полни и Клиниката за Пулмологија. Проблеми со дишењето или гушење се најчестите состојби на кои овој период се жалат пациентите кои бараат спас во приоритетната амбуланта. Во оваа установа од Министерството за здравство добиле 3500 маски за заштита од аерозагадувањето кои им ги делат на хронично болните.
-Од 18 до 20 пациенти дневно имаме во приоритетната амбуланта која ја отворивме минатата година и која досега не престана со работа. Досега не сме вратиле ниту еден пациент со приоритетен упат кој инаку трае седум дена, но ги прегледуваме истиот ден, вели проф. др. Дејан Докиќ директор на Клиниката за пулмологија и алергологија.
Пулмолозите велат дека поради пролетните временски услови во ноември, состојбата со последиците од аерозагадувањето се уште не е алармантна. Предупредуваат дека опасните ПМ честички се сериозна закана за пациентите со хронични заболувања, но лошо влијаат и на здравите.
-Дали пациенти со астма, или хронична опструктивна белодоробна болест или пак земете ги и оние со кардиолошки заболувања, кај нив овие пм честички, односно аерозагадувањето може да доведе до влошување на состојбата на хроничната, односно, основната болест. Аерозагадувањето во комбинација со инфекции кај тешки хронични пациенти може да доведе и до смрт, вели Докиќ.
Од Пулмологија велат дека се подготвени и кадровски и тераписки за третман на пациенти кај кои дошло до влошување на здравјето поради загадениот воздух.
Сега загадувањето во државата е сериозна закана за сите предупредуваат и невладини организации кои деновиве споделуваат загрижувачки бројки за смртност од аерозагадувањето.
Според извештаи на меѓународни организации, од 2012 до 2016 во земјата како последица на загадениот воздух починале над 16 000 лица.