Тихо Русовски е лице со попреченост кое веќе две години е вработен во Здружението на глуви и наглуви лица „Тишина“ од Карпош. Тој од јануари годинава нема земено плата и е без здраствено осигурување, а на здружението не му се префрлаат ниту средства за да можат да ангажираат толкувач за потребите на над 50-на членови колку што брои „Тишина“.

Од Министерството за труд и социјална политика, каде на неколку пати алпелирале за проблемот, добиле само ветувања, а одговор не добиваат ниту од Националниот сојуз на глуви и наглуви лица, чија обврска е до своите членки да ја исплаќа дотацијата.

– Официјално писмо од Националниот сојуз дека сме исклучени како членка немаме добиено. Чекаме 2-3-4 еве 10 месеци без плата, глувите доаѓаат во просториите бараат помош, а толкувачи нема, работиме доброволно, без надомест. Не ни одговараат на барањата, вели Русовски.
Се сомневаат и во судирот на итереси во Националниот сојуз на глуви и наглуви лица каде една од вработените велат е ќерка на генералната секретарка на сојузот. Иако неколку пати укажувале на тоа, се чудат зошто Министерството за труд и социјална политика се уште го толерира.

– За нашите барања и проблеми пријавено е во Светската федерација на глуви, пријавено е во Европската федерација на глуви, во Министерството, имаме и доказ, писма. Не знаеме каде да се обратиме, немаме излез, затоа најавуваме протест, вели членот на Тишина, Васко Марков.
Протестот на кој ќе бараат средба со министерската Мила Царовска и решавање на нивните проблеми ќе го одржат во среда во 11 часот пред Министерството за труд и социјална политика, а од 13 до 14 часот ќе протестираат и пред ЕУ инфо центарот.