На овогодишниот Светски ден на детето, Јане Велковски, единаесетгодишен застапник за деца со попреченост од Македонија, ќе му се придружи на УНИЦЕФ на глобалниот самит во Обеднитети нации во Њујорк каде деца и млади ќе побараат да се преземе акција за да се заштитат и промовираат правата на децата.
Самитот на УНИЦЕФ е дел од прославата за одбележување на Светскиот ден на детето кој се поклопува со 30-годишнината од усвојувањето на Конвенцијата за правата на детето, најшироко ратификуваната спогодба за човекови права во историјата.
Навистина сум многу возбуден затоа што ова е огромен настан. Но истовремено сум многу среќен затоа што ќе можам да му кажам на целиот свет дека сите се еднакви и дека луѓето со попреченост може да ги прават истите работи како и сите други. И дури и да не може да ги прават сите работи, тоа не значи дека не треба да уживаат во животот – рече Јане Велковски.
Јане ќе учествува во интерактивниот дел во кој ќе бидат претставени деца застапници, ќе има креативни елементи, музички настапи и учество на амбасадори на добра волја. Тој ќе зборува заедно со други четири деца за време на панел дискусијата насловена како „Да не изостане ниедно дете: за секое дете, сите права“.