Долг е патот за превенција и контроли за рак на дојката на жените од Пијанец. Најголемиот град на крајниот исток Делчево нема мамограф, а во соседната рударска општина Македонска Каменица веќе половина година не е во функција. Покрај секојдневните стравови со кои се соочуваат по операциите и третманот, тие имаат и непредвидени трошоци, кои удараат врз скромниот семеен буџет. Жените од Делчево, на кои им се потребни редовни контроли алармираат дека со месеци мора да чекаат термини за прегледи во Кочани, Пехчево, последната дистинација им е Штип. Само патните трошоци ги чинат од 500 до 1.000 денари.
Овој софистициран мамограф во Македонска Каменица се расипал во јуни. Директорката на Здравствениот дом во Делчево вели дека и тие со месеци чекаат да се поправи, а од сервисерот добиле ветување оти наредната седмица ќе почнат со поправките. Во меѓувреме лекарите ги едуцираат жените, но и прават скринниг, со помош на гинеколозите и невладините.
Според последните статистички податоци од вкупниот број на жени заболени од карцином на дојката во источниот регион , 16 проценти се од овој микро регион.