Затоплувањето со огревно дрво, чадот од производствените фабрики и големиот број возила, сето ова во последните денови го прави Тетово најзагаден град во државата.
На загадувањето, освен наведеното, во овие денови му помага и големиот број возила во Тетово и немањето на паркинг простор поради што возилата кружат подолго време во обид да најдат место.
“За да се најде место за паркинг, сега претпладне треба да кружите околу пола час, а кога е шпицот и повеќе. Ова многу влијае на загадувањето. Причина е староста на возилата. Кај нас се постари од 15 години, а се знае дека тие загадуваат повеќе и второ, квалитетот на горивата кај нас не е со потребните октани, а тоа загадува и е еден од поголемите фактори“.
“Пола саат па и саат време треба за да најдете паркинг. Како што гледате и самите. Тоа многу влијае во загадувањето“, реагираат жителите.
Прашани дали имаат план за сообраќајот и кое би било решението, од општина Тетово велат дека работат на решавање на проблемот, но не кажуваат конкретно, кои улици ќе бидат еднонасочни и кога би се случило тоа.
“Со одлука на Советот на општината ќе се прогласат некои улици еднонасочни за растоварување на сообраќајот, особено во централното градско подрачје“, велат од Општината.
Од СВР- Тетово велат дека последните години на многу улици се прогласени за еднонасочни, но граѓаните не ги почитуваат новите правила.
“На најфреквентните улици како што е улицата кај болницата „Јане Сандански“ и централниот дел на градот каде има еднонасочни улици, таму секогаш има полиција кои преземаат соодветни мерки за прекршоци“, рече Фатмир Реџепи, портпарол на СВР- Тетово.
Денеска загадувањето во Тетово изнесува 103 микрограми честички ПМ10 на метар кубни, што значи дека загадувањето е двапати повеќе од дозволеното ниво.