Министерката Царовска истакна дека Владата усвои Закон за лицата нерегистрирани во матичната книга на родени и истиот се очекува наскоро да го изгласа и Собранието.
Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, денеска имаше воведно обраќање на Националната конференција „Проценка на напредокот на Република Македонија во спроведувањето на јавните политики кон ромската заедница“ организирана од Ромалитико.
Министерката Царовска истакна дека Владата усвои Закон за лицата нерегистрирани во матичната книга на родени и истиот се очекува наскоро да го изгласа и Собранието.
„Го решаваме долгогодишниот проблем на лицата неевидентирани во матичната книга на родените, познати како фантоми. Овие луѓе премногу долго живееја на маргините на нашето општество. Со новиот Предлог закон кој го утврдивме на седница на Влада им овозможуваме да ги остварат своите основни права. Право на здравствена и социјална заштита и редовен работен однос, а децата ќе можат да се вклучат во образованиот процес“, истакна Царовска.
Управата за водење на матични книги во соработка со МТСП на 1-ви Април 2018 година објавија Јавен повик до сите лица кои живеат на територија на Македонија, а не се евидентирани во Матичната книга на родени. Тие беа повикани да дојдат во канцелариите на матичните служби за да пополнат Прашалник во кој ќе ги наведат своите податоци. Јавниот повик траеше до 1-ви ноември 2018 година и беа пријавени 700 лица.
Царовска рече дека од 2006 година се работи на вклучувањето на децата Роми во предучилишно образование.
„Секоја година 400-450 деца без паричен надоместок се вклучуваат во детските установи. Во јануари 2019 година им се препорача на градоначалниците во 18 општини да ги свикаат Советите на општините за да донесат одлука за ослободување на родителите на ромските деца со ниски примања или без примања од плаќање на партиципацијата за престојот на нивните деца. Градоначалниците одговорија позитивно на оваа препорака“, рече Царовска.
Отпочнат е процесот на трансформација на Ромските информативни центри кои се многу значајни за поддршката на Ромите во остварувањата на нивните права. Со воведувањето на управување со случај во Центрите за социјални работи, социјалните работници директно на терен ќе работат со најранливите лица се до нивно извлекување од сиромаштија. Исто така, тече и активација на овие лица на пазарот на трудот. Отпочната е АЦЦЕДЕР програмата за работно ангажирање на оваа категорија на лица преку обука на работно место.