Заинтересираните граѓани денеска и утре може да направат бесплатно тестирање за ХИВ по повод Европската недела и во Младинскиот центар на ХЕРА „Сакам да знам“ во Скопје, кој се наоѓа на Водно, спроти влезот на скопските клиники.

Резултатите од тестот се готови за 30 минути.

Од ХЕРА, Асоцијација за здравствена едукација и истражување, којашто веќе шеста година се приклучува на активностите по повод Европската недела, велат дека деновиве имаат многу телефонски јавувања од граѓаните.

– Има повеќе јавувања, отколку тестирања, а најчесто граѓаните се интересираат за тоа за колку време се дознава резултатот од брзиот тест, но прашуваат и што се  подразбира под ризично однесување, дали треба упат или друг документ, како здравствена книшка и друго. Не треба да се носи никаков документ за овој тест, за којшто се зема крв од прстот. Со овие тестирања се откриени случаи на ХИВ во минатите години, а дали и колку случаи ќе бидат и сега откриени, ќе дознаеме кога ќе заврши оваа Недела. Важно е да нагласиме дека тестирањето на ХИВ е бесплатно, анонимно, а секој којшто ќе дојде добива и совети за заштита од пренос на вирусот. Ги охрабруваме граѓаните да го посетат центарот и да направат ХИВ тест – вели Весна Илиевска Утевска, Проект координаторка во ХЕРА.

Тестирањето во рамки на неделата се врши и денеска и утре од 17.00 до 21.00 часот.  За подетални информации, граѓаните можат да се јават на телефонскиот број 02/3176 950.

Оние лица кај кои ќе се покаже позитивен ХИВ тестот во овој Центар, потоа задолжително се упатуваат на Клиниката за инфективни болести или во Институтот за јавно здравје.

Бесплатното тестирање на ХИВ продолжува и по завршувањето на Европската недела, која се организира пред 1 декември – Светскиот ден на борба против ХИВ/сида.

Денес, се проценува дека во нашата земја 35 отсто од луѓето со ХИВ не го знаат својот ХИВ-позитивен статус, односно не се свесни дека се ХИВ позитивни. Подобро е да се знае својот ХИВ статус што поскоро, затоа што денес со терапијата за ХИВ која е достапна и кај нас, луѓето со ХИВ може да живеат квалитетно и долго доколку се навреме дијагностицирани.