По четири месеци од поднесената тужба против загадувањето на воздухот во Основниот суд е закажано рочиште. Екологистите не очекуваат да се случи чудо, но велат дека добро е што преку тужба се укажува оти сите рокови за справување со аерозагадувањето се пречекорени.
Од здружението на млади правници, се осврнаа врз очекувањата од тужбата која беше поднесена пред четири месеци дека бараат да се утврди повреда на правото на дишење чист воздух.
Во Основниот суд во Скопје е закажано рочиште на кое треба да започне расправа по поднесената тужба од македонските млади правници поради континуирано аерозагадување.
Македонското здружение одлучи да поднесе тужба во јули против Владата, Министерството за животна средина и градот Скопје со која се бара судот да утврди дека тужените го повредиле правото на здравје, животна средина и на личниот и семејниот живот на граѓаните, затоа што не презеле мерки на активности согласно законите за справување со аерозагадувањето и намалување на ПМ 10 честичките во воздухот.
Осврнувајќи се врз тоа што може да добијат граѓаните од поднесената тужба за утврдување на правото на здрава животна средина, од граѓанските организации велат дека во Македонија не може преку ноќ да се очекува да се случи чудо, но оти позитивно од правната постапка е што со тоа се укажува дека сите рокови се пречекорени и граѓаните веќе не може да толерираат одложување.
Во меѓувреме кратката анализа на мерките кои треба да ги спроведат институциите против аерозагадувањето покажала дека има само 30 процентна исполнетост.