Миграцијата во Македонија и натаму има загрижувачки размери, а ако пред пет години основниот мотив на младите да ја напуштат државата беше невработеноста, сега главна причина е квалитетот на живот, велат од невладиниот сектор.

Тие посочуваат дека 50% од младите се веќе заминати во секој град, а останатите 50% размислуваат како да заминат од државата.

Од иницијативата „Сакам да останам“ ентузијастички веруваат дека Македонија може да биде поубаво место за живеење и дека сите заедно треба да ги подобриме условите за живот. Со мотивациски видео клипови  на луѓе од различни професии кои не заминаа и градат успешни кариери во Македонија, се обидуваат да ги убедат младите дека и овде може да се успее. Тие потенцираат дека студентите својот професионален напредок го гледаат се повеќе надвор од границите на нашата држава, а средношколците пак се повеќе размислуваат да се запишат на некои од европските факултети. Нашите универзитети иако се квалитетни и имаат што да понудат, сепак се последни на списокот за понатамошен избор за школување.

Од граѓанскиот сектор велат дека покрај владините мерки за вработување, бизнис секторот може да одигра клучна улога со подобрување на условите за работа и покачување на нето платите, но неопходна е трансформација на процесот од образование до вработување, односно поврзување на стручното образование со бизнис секторот.