Откако 250 текстилни работнички од модната конфекција „Стоби“ од Велес останаа на улица бидејќи фабриката ненадејно се затвори, трудова инспекција влегла во фирмата. Притоа констатирала повеќе неправилности и тоа дека правата на работничките се прекршени по повеќе основи.
„Откази без доставено решение, неисплатени плати и регрес за годишен одмор, прераспределба на работно место и промена на договорот за вработување од неопределено во определено време се дел од откриените прекршоци“, информираа од синдикатот.
Државниот инспекторат за труд (ДИТ) во повеќе наврати направил надзор во „Стоби“, при што биле утврдени неправилности од страна на работодавачот. МК „Стоби“ престана со работа на почетокот на ноември откако неговиот странски партнер ја откажал соработката.
При инспекциските надзори утврдено е одјавување на 59 работници по основ на спогодба без да се склучи спогодба за престанок на работен однос и склучување договор за вработување на определено време без писмен договор за вработување. На 67 вработени им е даден нов, променет договор за вработување, при што покрај промената на работното место, извршена е и промена на работниот однос од неопределено во определено време, пишува во информацијата на синдикатот.
Трудовите инспектори утврдиле и дека одјавувањата на работниците по основ на спогодба без склучување на спогодба се ништовни, односно донесено е решение за нивно поништување. ДИТ најавува дека ќе бара прекршочна одговорност за правното и одговорното лице во друштвото.