Министерот за здравство Венко Филипче денеска присуствуваше на годишниот завршен состанок на членовите на извршниот одбор и собранието на Здружението за борба против ракот „БОРКА – за секој нов ден“, при што доби признание за подобрување на квалитетот на живот на пациентите со малигни заболувања.
На оваа средба, на министерот Филипче му беше врачена благодарница за несебичното залагање и поддршка во реализација на активностите и кампањите на БОРКА со цел подобрување на квалитетот на животот на пациентите со малигни заболувања.
– Исклучително ми е драго што во соработка со овие прекрасни луѓе, претседателката Биба Додева и жените борки, заеднички, преку идеја и реализација ја менуваме иднината и заедно се бориме за подобро низ процесот во кој проаѓаат лицата кои се заболени од рак во Република Северна Македонија. Се подобруваат условите за дијагностика, условите за функционирање на скрининг програмите, но и следење на овие пациенти и овозможување на психолошка поддршка. Набавивме 30 нови биолошки лекови. Сите пациенти со рак на дојка ја имаат потребната терапија. Воведовме новина за двојно читање на мамографските слики, радиолозите треба да имаат искуство на читање мамографски слики од минимум 800 пациентки, рече Филипче и додаде дека за првпат обезбедена е психолошка поддршка за онколошките пациенти.
Здружението „БОРКА – за секој нов ден“ е сериозен партнер во здравстевниот систем, го следат светскиот тренд и се неопходна карика помеѓу пациентите и институциите во борбата со малигните заболувања.
– Среќни сме дека министерот за здравство ги слуша проблемите со кои се соочуваат пациентите од малигни заболувања и превзема активности за подобрување на квалитетот на живот на овие пациенти. Сведоци сме дека изминативе две години, работите почнаа да се менуваат, има достапни терапии кои во времето кога се лекуваа многу наши Борки, меѓу кои и мојата мајка, не беа достапни и требаше да се платат од свој џеб. Се работи за прескапи, иновативни терапии кои живот значат и го продолжуваат животот на овие луѓе. Се подобруваат условите за дијагностика, условите за функционирање на скрининг програмите, но и следење на овие пациенти и овозможување на психолошка поддршка, изјави претседателката на „Борка“ Додева.