Македонија влезе во фазата на негативна стапка на природниот прираст на населението. Прва причина е европскиот тренд кој во просек бележи едно до две деца во семејство. Втората е отсуството на каква било државна политика за стимулирање на наталитетот. И третата, можеби најкарактеристична за Македонија, е трендот на масовно иселување на младите, кои се основа на развој на популацијата.
Во јавноста со години се наметнува прашањето дали некој во земјава сериозно се занимава со демографските трендови и движења на населението, како и со лоцирање на главните причини за ваквата намалена стапка на наталитет. Демографот Дончо Герасимовски очекува бројките до крајот на годината да бидат погубни, а во 2020-та година да бидат уште поизразени. Тој посочува дека потребни се конкретни и итни мерки каков што е случајот со Србија каде тамошниот претседател Александар Вучиќ поведе постапка, односно назначи министер без ресор за популациска политика и формира комисија што ќе работи на ова прашање.
Последното истражување на јавното мислење на тема „Иселување на младите и квалитет на живот“, спроведено од Институтот за политички истражувања од Скопје (ИПИС), во периодот од 10 до 13 јуни годинава, на 1.119 полнолетни испитаници на ниво на целата земја покажа дека иселувањето надвор од државата е опција дури за 70 отсто од студентите.
Статистиката вели дека во академската 2018/2019 година се запишани вкупно 53.677 студенти, што е намалување за 5,7 отсто во однос на претходната година, кога биле запишани вкупно 56.941 студент. Ако во 2010 година имало 24.296 родени деца, минатата година таа бројка паднала на 21.333, што е намалување за 2.963 деца.
На државно ниво во 2018-та година како првачиња биле запишани 22.130 деца. Тоа е генерацијата деца што се родени во 2012 година. Таа 2012-та година, според статистиката, во Македонија биле родени 23.568 деца. Ако се знае дека основното образование е задолжително и дека сите деца треба да бидат запишани на училиште, грубата математика покажува дека од родените деца во 2012 година, 1.483 деца не се запишале како првачиња во 2018-та година.
Македонија годинава првпат во својата историја влезе во фаза на негативен природен прираст или, како што се нарекува, во фаза на поголем морталитет од наталитет. Ова го покажуваат статистичките податоци, според кои, во првите девет месеци од годинава се родиле помалку деца отколку што починале лица. Значи, во првите девет месеци од годинава во земјава се живородени 14.622 деца, а во истиот период во 2018 година биле родени 16.069 деца, односно 1.447 помалку живородени деца отколку во истиот период лани.Од друга страна, во првите девет месеци во 2019 година се умрени 730 повеќе лица од лани, или во 2019-та се умрени 15.260, а во 2018 година биле умрени 14.530 лица.
Тоа практично значи дека населението во државата со ваков тренд ќе се намалува наместо да расте и дека белата чума ја стигна и Македонија, една од последните држави во регионот што досега имаше минимален пораст на населението.