Рекламните плакати денеска предизвикаа бура реакции во Грција, како од корисниците на социјалните мрежи, така и од дел од опозициските партии.

По интервенција на Министерството за инфраструктура и транспорт на Грција ќе бидат отстранети плакатите кои од рано утрово осамнаа на станиците во атинското метро против абортусот во рамките на кампања зад која стои движењето „Оставете ме да живеам“, јави дописничката на МИА од Атина.

-Знаеше дека, на нероденото дете: Од 18-иот ден чука неговото срце? Од 42-от ден се забележуваат мозочните бранови? Од осмата седмица се создадени сите органи? Од 10-та седмица чувствува болка? Одбери живот! Движење за живот – пишува на плакатите поставени на деловите предвидени за билборди и реклами на метро станиците во Атина, на кои има фотографија од ембрион од 10-та седмица.

Од Министерството за инфраструктура и транспорт на Грција, преку соопштение велат дека за одобрување на рекламите во метрото единствена одговорност и надлежност има управниот одбор на атинското метро, а тие како министерство, но и како влада не биле воопшто информирани и воедно бараат плакатите да бидат отстранети.

-Кампањите што се водат на јавни места не треба да го поделат јавното мислење, ниту секако, да ги навредат жените кои биле принудени да направат таков тежок избор во нивните животи. Од оваа причина, Министерството за инфраструктура и транспорт ја повика администрацијата СТАСИ (атинското метро) да го објасни образложението со кое дозволи ваква кампања и побара да се исцрпат сите можности за што е можно поскоро да се отстранат плакатите од метро – соопштуваат од грчкото министерство.

Рекламните плакати денеска предизвикаа бура реакции во Грција, како од корисниците на социјалните мрежи, така и од дел од опозициските партии.

Членови на подмладокот на СИРИЗА интервенираа на една метро станица и врз постоечкиот плакат залепија порака „Нашите тела ни припаѓаат нам“.