Вирусниот хепатит А или болеста на нечисти раце зема се поголем замав. Тоа претставува акутно заразно вирусно заболување кое се пренесува по фекално-орален пат. Оттаму станува збор за заразна болест која може да се појави спорадично или во епидемиска форма, особено во лоши санитарно-хигиенски услови, после поплави или други природни катастрофи.
Токму од оваа болест, жолтица, бројот на заболени во Скопје е во пораст. Досега се регистрирани 78 случаи, а најмногу има во скопската општина Сарај. Таму центар за јавно здравје е на работ да прогласи епидемија. Во училиштата каде има заразени ученици, државниот санитарен инспекторат направил вонредни контроли со препораки кои мерки треба да ги преземат надлежните.
Заразната жолтица се прошири и во скопските општини Петровец и Студеничани. По прогласување на епидемија во населбата Даме Груев пред новогодишните празници, каде беа регистрирани 7 поврзани случаи со хепатит А меѓу роднини и соседи, епидемиолозите од центарот за јавно здравје будно ја следат и состојбата во Сарај каде досега се евидентирани 19 случаи со хепатит А.
Меѓу 78-те заразени досега има и десетина ученици од неколку скопски училишта. За да не дојде до ширење на болеста со враќање на децата во училишните клупи, инспекторатот веќе направил вонреден надзор.
-Во училиштата каде има жолтица направивме вонреден надзор и издадовме решенија кои противепидемиски мерки треба да ги преземат. Направени се и контроли по издадените решенија, велат од Државниот санитарен и здравствен инспекторат.
Во центарот за јавно здравје, изминативе две недели се регистрирани 10 нови случаи со што бројката на заразени достигна 78. Епидемиолозите предупредуваат дека болното лице може да ја пренесува болеста цел месец.
– Хепатит А е вирус од кој страда црниот дроб и секако може да дојде и до компликации, особено кај повозрасни лица, вели др. Билјана Даниловска, епидемиолог во ЦЈЗ- Скопје.
Болеста на нечисти раце се пренесува преку директен контакт, односно преку раце контаминирани со фецес во кои се наоѓа вирусот, но и преку предмети за лична или општа употреба. Токму затоа најдобрата превенција е честото миење на рацете и одржување на лична и општа хигиена, препорачуваат епидемиолозите.