Брадавиците се рожни израстоци предизвикани од еден од стотината видови на ХПВ.

Може да бидат жолти, кафени или сиво-црни, во вид на јазли. Големината им е од неколку милиметри до неколку сантиметри. Го погодуваат горниот слој на кожата.

Како стигнува овој вирус таму? Преку исеченици, гребаници, абразија, директен контакт со човек што има брадавици. Исто така може да се пренесат со хигиенски прибор, користење заедничка крпа, тренажери за вежбање во вежбалница, со допирање разни кваки и држачи во автобуси. Кожата може да се инфицира и преку заноктици, како и преку гризење нокти.

Обичните брадавици на дланките и на прстите може да бидат поединечни или повеќебројни на едно место. ХПВ, за кој сѐ повеќе се зборува во гинекологијата, во овој случај е исклучително заразен и брзо се шири. Со него може да се заразат и членовите на семејството.

Затоа треба да се мијат рацете веднаш по допирањето на брадавиците – дури и човекот што има брадавица може да ја пренесе заразата на друго место на своето тело.

Се препорачува брадавиците да не се корнат. Ако се промени нивната боја, почнат да крвават, предизвикуваат непријатност во вид на јадеж и болка, треба да се посети дерматолог.

Во третирањето брадавици се среќаваме со криотерапија (замрзнување), терапија со ласер, електрокоагулација (палење), хируршко отстранување, отстранување со радиобранови, кератолитици, салицилна киселина, каустика.

ЛИШАИ

Лишаите исто така го напаѓаат горниот слој на кожата. Тоа се црвени кружни формации во вид на печат. Може да чешаат, но не мора. Во случај на лишаи станува збор за габична инфекција.

Може да се јават во која било доба од годината и на кој било дел од телото. Кај децата обично се на влакнавиот дел од главата, а може да се забележат и за време на пубертетот. Се пренесуваат со директен контакт, може и од животно (куче, мачка) на човек.

При мали форми на лишаи се применуваат антифунгални лекови, додека потешките инфекции се лекуваат со малку поагресивни средства. Пациентите мора да бидат трпеливи и упорни, бидејќи лекувањето може да потрае три-четири недели.

Во последно време за лекување на оваа дерматоза се применуваат и биоактивни агенси.