Агенцијата за храна и ветеринарство по претставка од граѓанин ја повлече од продажба водата со канабис која кон крајот на минатата година се најде во продажба на рафтовите во маркетите во земјава. Таа стана хит помеѓу тинејџерите кои за време на школските одмори, како што велат од маркетите, децата слободно ја купувале. АХВ преку инспекциски служби му наложила на производителот да го отповика и повлече производот ,,Горска + Релакс”, вода во пластични шишиња од 0,75 литри со вкус на грејпфрут која содржи канабис, за која истиот истакнувал медицински придобивки.
Од АХВ велат дека претставката е основана. Овој производ не добил никаков вид на одобрување од Агенцијата за храна и ветеринарство. Означувањето, презентирањето и претставувањето на производот не се усогласени со законските прописи и се сметаат за измамнички кон потрошувачите. Исто така, операторот го тргна од својата Фејсбук страница презентирањето и претставувањето на овој производ информираат од Агенцијата.
За производот беше неведено да се чува на ладно и темно место, но околу тоа кои се придобивките од консумирањето на производот и дали евентуално може да предизвика штетни последици, со оглед на тоа што без проблем го купуваат и деца, немаше никакви податоци на етикетата.