Министерството за образование и наука ги задолжи училиштата да обезбедат податоци за оние ученици кои немаат услови да ја следат онлајн наставата.

„Имајќи предвид дека има ученици во чие место на живеење нема достапен интернет, а има и ученици кои потекнуваат од социјално ранливи семејства и можеби не располагаат со електронски уреди, Министерството за образование и наука заложувајќи се да изнајде решение за сите ученици да бидат вклучени во далечинското учење, се обрати до училиштата со барање да се обезбедат овие податоци во најкус можен рок“, велат од МОН за Радио МОФ.

Оттаму информираат дека по добивањето на податоците и нивна анализа, заедно со локалните самоуправи ќе се обидат да најдат начин наставата да продолжи за сите ученици.

Учениците и средношколците неделава добија онлајн платформа преку која ќе може да следат настава додека трае вонредната состојба поради Ковид-19 коронавирусот.

„Е-училницата“ содржи видео-лекции, долги по 15 минути, преку кои се разработуваат задолжителните лекции за сите одделенија. Во нив, наставниците имаат и кусо излагање, објаснувајќи ги најважните од часот.

Ова е првпат да се воведе национална онлајн платформа за далечинско учење. Неа ја изработуваат Бирото за развој на образование (БРО) и УНИЦЕФ.

Претходно, министерот за образование и наука Арбер Адеми на прашање на Радио МОФ тврдеше дека, според достапните информации, целата територија на Македонија е покриена со интернет.

„Апелирам до учениците или родителите на учениците кои не би имале ИТ уреди, паметни телефони – да пријават. Да не заборавиме дека сме во вонредни околности и приоритетно е за нас да се продолжи со воспитно-образовниот процес и во вакви околности. Не треба да трпи застој образовната надградба на нашите ученици и студенти. А, за оценувањата, во уредбите за основното, средно и високо образование, стои дека наставниците и професорите можат да ги оценуваат учениците и студентите. За начинот на оценување БРО подготвува упатство, за кое сите ќе бидат известени“, одговори Адеми.

На прашањето како ќе се оценуваат учениците во овој период, од МОН велат дека БРО подготвува упатство за наставниците кое ќе биде доставено до сите училишта.