Македонските производи се барани на рускиот пазар, но за унапредување на пласманот треба повеќе да се работи на нивна промоција и конкурентност. Бизнисмените велат дека македонските производи имаат добар квалитет и ниска цена, но за полесен и позначителен пробив, мора да се размислува и за заеднички настап на странскиот пазар.
Македонските компании имаат потенцијал за странскиот пазар, а конкретно Русија увезува над 50% од производите. Земјоделските производи се барани на рускиот пазар. Но за бизнисот да има подобар ефект, производителите мора да се здружат и да се работи кон квалитетен производ, не само кон евтин.
Македонското вино, зеленчук и овошје остануваат во фокусот на рускиот пазар. Домашните фирми очекуваат зголемување на нарачките, а странските коминтенти бараат подобрување на понудата.
За подобар пласман на македонските производи, потребно е да се посвети повеќе внимание и на Online продажбата.
Експертите се едногласни дека земјоделско прехранбениот сектор има добар потенцијали за раст, но потребни се дополнителни вложувања и поддршка од државата. Според нив, кај производството на зеленчук и овошје и на нивните преработки, Македонија има компаративни предности и тоа треба да се искористи, но треба да се воведуваат и нови производи кои ги бара странскиот пазар.
Инаку, професионалци од секторот за трговија со стока за широка потрошувачка од Македонија, регионот, како и од Русија, ги споделија своите знаења и искуства пред повеќе од 300 менаџери како македонски, така и странски.