Градските власти во Њујорк им препорачаа на жителите да предупредат за нарушување на барањата за одржување физичка дистанца, соопшти преку Твитер градоначалникот Бил де Блазио.
Тој ги повика своите сограѓани да ги фотографираат и пријават сите оние кои не ги почитуваат мерките за задолжително физичко дистанцирање. – Кога ќе видите гужва, кога ќе видите дека луѓето не ги почитуваат мерките, кога ќе видите преполн супермаркет, можете тоа веднаш да го пријавите за да побараме помош и да го решиме проблемот, соопшти Де Блазио.
По пат на новиот сервис њујорчаните можат да испратат фотографија, со текст и локација, по што ќе реагира полицијата.
– Знаеме дека има луѓе кои треба да бидат известени за нашите упатства, наведе Де Блазио.
Тој ветува дека полициски службеници ќе бидат испратени на местото на настанот „веднаш“.
Претходно, администрацијата во Њујорк воведе казни за непочитување на мерката за физичка оддалеченост од 250 до 500 долари. Воведена е и обврска за носење заштитни маски или материјал за покривање на лицето за време на престој на отворено за да се спречи ширењето на Ковид-19.
Гувернерот на државата Њујорк, Ендрју Куомо, синоќа објави дека во последните 24 часа 540 лица починале од новиот коронавирус, што е најниска дневна стапка за повеќе од две недели.
Вкупниот број хоспитализирани се намали на 16.967 во однос на 17.316 ден порано.