Општина Струга информира дека еден од нејзините вработени е позитивен на Ковид 19, поради што општината нема да работи до следниот понеделник.
општината нема да работи до следниот понеделник.
Во консултација со надлежните органи, ги замолуваме вработените на Општина Струга да останат во самоизолација и во случај на појава на симптоми да се јават кај матичниот лекар. Бидејќи ситуацијата со пандемијата се влошува, ве молиме да бидете внимателни и да ги почитувате мерките и препораките на Владата и Министерството за здравство со цел да се спречи ширењето на пандемијата. – соопшти Општина Струга.
Од почетокот на пандемијата, заклучно со вчера, на територијата на Општина Струга и Вевчани, регистрирани се 125 случаи на коронавирус. Во истиот период во Охрид се евидентирани вкупно 65 случаи, од кои 11 само во текот на вчерашниот ден.
Надлежните ја оценуваат ситуацијата како загрижувачка, дотолку повеќе што големиот бран нови случаи во Охрид е последица на неодговорно однесување и организирање на семејна веселба на која имало 200 луѓе. Од овој кластер заразени има и во фирми, јавни установи, институции, а не се исклучува бројот на позитивни случаи да расте во наредните денови бидејќи се чекаат резултати од голем број лица поврзани со веќе познатите случаи.
По дезинфекцијата на градските улици, Општина Охрид во петокот ги дезинфицираше и просториите на локалната самоуправа, а Кризниот штаб упати апел до граѓаните да ги почитуваат мерките на заштита.
Центарот за јавно здравје – Охрид, предупредува дека се наоѓаме во сложена и неповолна епидемиолошка состојба и дека коронавирусот е се уште активен и сиркулира околу нас. Епидемиолозите апелираат дека непридржувањето до мерките за заштита значително го зголемува ризикот од зараза. Посебен апел Центарот за јавно здравје упатува до родителите кои имаат деца полуматуранти, да не организираат никакви собири поврзани со завршување на основното образование, со цел да се избегне ширењето на коронавирусот.
Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 3895, оздравеле 1705, на починати се 179 лица. Во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 2011.