Новинарите од италијанската новинска агенција „Анса“ синоќа почнаа штрајк, а медиумот нема да работи до среда вечер, објави Редакцискиот комитет на агенцијата.
Ова е вторпат во последниот месец новинарите на Анса да протестираат против најавениот план за реорганизација, кој, според редакцијата, предвидува „принуден одмор“ за 65 новинари, почнувајќи од 1 јули.
Според нив, ваквиот план може да ја загрози работата на централната редакција и дописниците во земјата и странство и истакнуваат дека новинарите остануваат отворени за договори со раководството, но го отфрлаат планот мотивиран од предвидената загуба на Агенцијата од неколку милиони евра за оваа година, предизвикана од пандемијата на Ковид-19.
Новинарите предупредуваат дека планираните мерки ја загрозуваат можноста на агенцијата да ги извршува своите задачи во деликатно време кога цела Италија се обидува да почне со економско закрепнување по здравствената криза и апелираат до акционерите, основачите на агенцијата, Владата и политичарите да бараат решенија за да може редакцијата да ја извршува својата работа, „објективно известување од земјата и од странство“.