Министерот за здравство, Венко Филипче, информираше дека здравствените власти испитуваат дали коронавирусот се вратил кај еден пациент од Куманово. Пациентот еднаш веќе бил излекуван од Ковид-19, а ова е случај кој треба да се испита и потврди.
– Има еден случај којшто треба да се потврди во Куманово, но во светот има веќе такви потврдени случаи. На што се должи тоа, сега во овој момент науката сѐ уште не одговорила со сигурност. Има некои иницијални докази дека станува збор за некаква форма на мутација на вирусот. Каква е таа форма, дали е силно или послабо изразена, сѐ уште нема докази, посочи Филипче.
Во однос на порастот на заболени, министерот Филипче потенцираше дека тоа се должи на непочитувањето на мерките за заштита. Тој повторно рече дека многу е важно граѓаните да сфатат дека мора да се носат маски и да одржуваат растојание.