ВМРО-ДПМНЕ денеска во соопштение до јавноста упати порака дека планира значајни инвестиции во здравството. Тие предвидуваат модернизација и реновирање на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, реконструкција на ГОБ „8 Септември“, како и развивање на нова модерна клиничка болница во Штип. Исто така предвидуваме реконструкција, модернизација и интегрирање на Клиничкиот центар во Тетово, кој ќе прерасне во модерна Универзитетска клиничка болница, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
– Ветуваме Целосна дигитализација на рецептите, упати, извештаи и резултати ќе спроведеме дигитализација на радиолошките единици, нивно поврзување во единствен центар за да се скратат процедурите и да им се олесни пристапот до здравствениот систем на граѓаните. Системот ќе биде дигитализиран во сите делови, од подигнување електронски рецепти кај матичен лекар, до добивање медицински извештаи. Електронски издадениот рецепт од лекарот ќе може да се подигне во која било аптека со документ за лична идентификација од страна на пациентот или негов близок, посочуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Во однос на електронското здравство, тие предвидуваат оптимизација на здравствениот систем со што ќе се намали физичкото присуство на пациентите во здравствените установи. На овој начин ќе се зголеми достапноста на здравствените услуги, а ќе се намали употребата на хартија.
– Сите здравствени работници вклучени во борбата со Kовид-19 во октомври ќе добијат дополнителни 50% од својот личен доход како мотив да продолжат со борбата против опасниот вирус. Дополнително, вработените на Инфективна клиника и ГОБ „8 Септември“ ќе добијат уште една плата како бонус за натчовечките напори кои ги вложуваат во борбата со вирусот.
Со ваквиот план и програма, ВМРО-ДПМНЕ сериозно ќе се посвети на обновата на македонскиот здравствен систем.