Доктор Игор Николов, член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, денес на прес-конференција зборуваше за програмата, проектите и мерките кои ВМРО-ДПМНЕ ги нудат со цел да се овозможи навремена и соодветна здравствена услуга, задоволни пациенти и здравствени работници кои ќе останат да работат во рамките на Република Македонија. Здравството не смее да се сфаќа како област која треба да биде движена од профит за малкумина, туку бенефит за многумина. Видовме само ароганција, надменост и незаинтересираност за решавање на проблемите на пациентите. Го заборавија медицинскиот персонал, но не ја заборавија мафијата во фармацијата, рече Николов.
-Три години јавното здравство се разградува и разнебитува, пациентите се заборавени, медицинските лица се излажани и заборавени, условите за работа се влошени, нема ниту план за нов Клинички центар, а капацитетите во јавното здравство се разградуваат.
-Наместо да го задржат, продолжија да ги бркаат медицинарите и медицинскиот персонал. Наместо нов Клинички центар, никна паркинг за 200 возила во рамки на кампусот клиники „Мајка Тереза“. Наместо подобрување на лекувањето во јавното здравство, најдоходовните процедури ги изнесоа од системот, а устите им се полни со Европска унија.
– Некои од клучните аспекти на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „Обнова на Македонија“ се: Прво, воспоставување на целосно функционален концепт на здравство без хартија, кој подразбира целосна дигитализација на здравствениот и фармацевтскиот систем. Второ, формирање на национално координативно тело за здравство, кое ќе придонесе за оптимизација на здравствениот третман на пациентите. И трето, модернизација и функционална интеграција на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, Универзитетска градска болница „8-ми Септември“, модерна универзитетска Клиничка болница во Штип и реконструкција на здравствените центри во целата држава.
– Затоа дајте ја вашата поддршка за луѓе кои работат и го реализираат ветеното.