Во пресрет на летната сезона, Бугарија донесе одлука дека македонските државјани можат да ја посетат земјата доколку имаат негативен ПЦР тест за Ковид-19 кој не треба да биде постар од 72 часа. Ваквата одлука на бугарската влада е на барање на туристичкиот сектор во земјата, кој сосема слично како и во останатите земји е најпогоден од пандемијата на корона вирусот.
Бугарија пред речиси две недели воведе привремена забрана за влез на нејзината територија за сите лица од Македонија, како резултат на лошата епидемиолошка ситуација со Ковид-19 во земјава. Слична забрана воведе и Грција до 31 јули, која привременото ги ограничи сите авионски, железнички и копнени поврзувања со земјава, како и забрана за влез на грчка територија на лица преку македонските гранични премини.
Македонските државјани без ограничувања може да патуваат само во Србија и Албанија и Турција. Доколку некој сака да го посети Косово задолжително е да покаже негативен тест кој исто така не смее да биде постар од 72 часа. Оваа обврска не важи само доколку македонски државјани слетаат на аеродромот „Адем Јашари“ во Приштина и потпишат изјава дека во рок од три часа ќе го напуштат Косово.