СЗО: Можеби никогаш нема да има сигурен лек за коронавирусот

Светската здравствена организација (СЗО) денеска предупреди дека можеби никогаш нема да има сигурен лек за коронавирусот, иако сите се надеваат на спасоносна вакцина против вирусот со кој се заразија десетици…

Светската здравствена организација (СЗО) денеска предупреди дека можеби никогаш нема да има сигурен лек за коронавирусот, иако сите се надеваат на спасоносна вакцина против вирусот со кој се заразија десетици милиони луѓе.

– Во моментов немаме конечно решение за вирусот и можеби никогаш нема ни да има. За сега најважно е стопирањето на ширењето на вирусот со навремено тестирање, изолација и третман на пациентите, како и следење и ставање во карантин на потенцијалните контакти, посочи генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус.

Тедрос и директорот на СЗО за итни програми Мајк Рајан ги повикаа сите нации строго да ги спроведат здравствените мерки како што се носење маски, физичко растојание, миење на рацете и тестирање.

– Пораката до луѓето и владите е јасна: Направете сè, рече Тедрос на брифинг во Женева.

Тој рече дека маските треба да станат симбол на солидарноста ширум светот. На тој начин покажуваме и праќаме силна порака дека сите заедно сме во борбата против вирусот.

Мајк Рајан рече дека земјите со висок степен на трансмисија, меѓу кои се и Бразил и Индија, треба да водат голема битка.

– Излезот е долгорочна и постојана посветеност, истакна тој.

Претставниците на СЗО изјавија дека тимот за истражување на СЗО, кој бил испратен во Кина од каде потекнува вирусот, сè уште не се вратил.


Related Articles