Источна и Јужна Македонија е најпогодена од Ковид-19, вирусот се шири

Во Источниот и јужниот дел на Македонија бројот на заболени со коронавирусот расте. Граѓаните стравуваат дека ситуацијата може целосно да излезе од контрола затоа што нема никакво почитување на мерките…

Во Источниот и јужниот дел на Македонија бројот на заболени со коронавирусот расте. Граѓаните стравуваат дека ситуацијата може целосно да излезе од контрола затоа што нема никакво почитување на мерките за заштита од вирусот. Само во овој дел на земјата има над 500 активни случаи на Ковид-19. Евидентен е и недостатокот на лекари со што се загрозува и здравјето на граѓаните.

Кочани е град каде не стивнува бројот на заразени со Ковид-19. Во моментот има 103 активни случаи. Градоначалникот на Општина Кочани, Николчо Илијев, секојдневно апелира дека ситуацијата е многу сериозна и дека мора да се почитуваат мерките за заштита.

Во Струмица бевме сведоци на свесно групирање на младите по дискотеките и кафулињата, со што таргет групата се сега лицата на возраст од 15 до 30 години. Валандово пак, имаше кластер на заболени во конфекцијата „Анел“, каде што на три пати по 15 вработени беа во изолација и конечно сега веќе е целосно затворена.

Според извештаите на министерството за здравство, очигледно е дека нов кластер станува и општина Гевгелија. Во овој град за две недели има заразено околу 50-тина лица, иако за 6 месеци имало само околу 30-тина активни случаи.

И во Пијанечко-малешевскиот регион во последниве две недели повторно е забележан пораст на позитивни на коронавирусот. Надлежните од делчевскиот здравствен дом посочуваат дека продолжуваат тестирањата на лицата кои имале контакти со заразените. Се работи за случаи од семејни кластери кои ја сочинуваат бројката на поголем дел од позитивните случаи, велат од здравствениот дом. Од здравствените установи, пак во Берово и Пехчево информираат дека случаите се асимптоматски.

Во однос на недостаток на здравствен кадар говори и фактот дека во Делчево според информациите на надлежните, минатата година не се искористиле и специјализациите кои ги добиле од ресорното министерство, бидејќи двајца лекари си зеле приватни специјализации за гинекологија, па здравствениот дом извисил на тој начин. На истокот просечната старост на специјалистите е околу 60 години, а недостасуваат педијатри и интернисти. На штипската Клиничка болница недостасуваат лекари специјалисти за инфектологија, неврологија, педијатрија и на одделението за уво, нос и грло. Но во овој регионален центар најголем недостиг има од медицински сестри и болничари.

Најголем проблем и натаму останува иселувањето на младите доктори од земјава, но и пензионирањето со што источна и јужна Македонија останува без стручен кадар. Проблемите со иселувањето на стручниот медицински персонал од нашите болници и поликлиники најдиректно ја погодува заштитата на здравјето на граѓаните.


Related Articles