Повеќе од две третини од излечените пациенти кои биле хоспитализирани поради инфекцијата, имаат долготрајни симптоми и седум недели подоцна, покажува новото истражување.
Извештаите за таканаречениот „долготраен ковид“ зачестија низ целиот свет и сугерираат дека, дури и вакцините да го забават ширењето на пандемијата, милиони можеби ќе живеат со трајни последици од овој вирус. Истражувачите од Универзитет во Лондон откриле дека 69% од луѓето излекувани од коронавирусот кои биле хоспитализирани за време на болеста, се чувствуваат уморно дури и 54 дена откако биле излекувани.
Многумина пријавиле дека и понатаму тешко дишат и продолжуваат да кашлаат. Ова е доказ, велат авторите на студијата, дека „долготрајниот ковид“ е реален феномен кој може да ги оптовари луѓето и здравствениот систем со месеци.
Во новата студија, истражувачите следеле 384 пациенти кои биле отпуштени од болница по третманот од овој вирус.
Во просек, пациентите биле во болница шест дена, но 14 % морале да бидат префрлени на одделот за интензивна нега. На повеќето пациенти им е направен рентген на градите по приемот во болницата. Повеќе од половина од испитаниците (56%) имале рендгенски снимки „типични“ за пациенти со ковид 19, односно била присутна пневмонија. Дури 30 проценти од нив покажале знаци на сериозна инфекција.
До отпуштањето, 62% од пациентите имале нормална рендгенска снимка, а 27% покажале значително подобрување. Сепак, девет проценти од пациентите имале полоши резултати дури и неколку недели по отпуштањето од болницата.
Вкупно 69% од пациентите чувствувале умор и два месеци по болеста, 34% продолжиле да кашлаат, а 15% од испитаниците изјавиле дека се чувствуваат депресивно.