Истражувачки тим од Оксфорд спроведе студија во која се утврди дека ризикот од згрутчување на крвта е осум до десет пати поголем по зараза со коронавирус отколку по примање на некоја од постоечките вакцини. Студијата е спроведена на 500 000 пациенти кои заболеле од Ковид-19. Резултатите покажале дека згрутчување на крвта се јавило кај 39 лица на милион заразени.
Станува збор за појава на ретка церерална венска синусна тромбоза (ЦВСТ), од која стапката на смртност е околу 20% без разлика дали се случила по инфекција со коронавирус или добиена вакцина, што укажува на тоа дека згрутчувањето е главен фактор на ризик, посочи Максим Такет од Оксфорд.
Истражувачкиот тим од Оксфорд, кој потенцира дека студијата е работена независно од тимот што ја разви вакцината Астра Зенека, соопшти дека ги споредиле податоците со Европската агенција за лекови, според кои пет лица на милион добиле ЦВСТ по вакцината Астра Зенека.
– Ризикот од појава ЦВСТ по Ковид-19 се чини дека е значително поголем отколку што беше по приемањето на вакцината Оксфорд/АстраЗенека, изјави Такет.
Истражувачите истакнаа дека Ковид-19 е повеќе поврзан со мозочен удар отколку со ЦВСТ и дека сегашната дебата за вакцините ја испуштила од вид можноста за појава на потешка форма на болеста.
– Важноста на ова откритие е дека се враќа на фактот дека ова е навистина страшна болест, со цела низа појави, вклучително и зголемен ризик од ЦВСТ, рече Џон Гедес, директор на истражувачкиот центар НИХР.