По утринската координација на министерот за здравство д-р Венко Филипче со членовите на Комисијата за заразни болести во однос на епидемиолошката состојба во Тетово беше договорено да се предложат нови мерки за овој регион, како би се спречило рапидното ширење на вирусот Ковид 19.
Анализите кои беа изработени изминативе денови од страна на ИЈЗ укажуваат дека, вирусот пред се се шири кај невакцинираните, над 90% од новите случаи се невакцинирани граѓани. Од друга страна опфатот со вакцинација е под 20% во Тетово. Како кластери каде најбрзо се шири вирусот се свадби и прослави на затворено кои ги има многу во овој регион, а според информациите на локално ниво воопшто не се почитуваат мерките за превенција, пред се носење маски на затворено.
Министерот и членовите на Комисијата на ГККШ ги предложуваат следните мерки и рестрикции:
– Забрана за одржување на сите масовни настани на затворено, свадби, прослави. Ова е клучно да се почитува во следниот период, а граѓаните мора да разберат дека оваа мерка е нужна.
– Исполнетост на затворениот дел од угостителските објекти не смее да надминува 30%, а на масите не смеат да седат повеќе од 4 лица.
– Засилени контроли за спроведување на овие мерки но и мерките за лична заштита и тоа пред се носење маски на затворено.
– Засилување на теренската вакцинација и комуникацијата на локално ниво со цел зголемување на опфатот, бидејќи е јасно дека само со вакцинација може да спречиме и ширење и ризици од тешко заболување кај пациентите.