Министерот за здравство Венко Филипче денеска одговарајќи на новинарски прашања изјави дека засега не се планираат нови рестриктивни мерки поради тоа што сегашниот број на пациенти не ги оптоварува болниците, туку напротив тие се празнат и има се помалку хоспитализирани. Тој посочи дека секојдневно разговара со директорите на клиниките за случаите со Ковид-19, кои се тешки и имаат смртен исход.

– Тешките случаи на механичка вентилација се на Инфективната клиника и во ГОБ „8 Септември“. Разговараме за пристапот за лекување, за дијагнозата. Многу мал број случаи после последните препораки, само оние најтешки случаи се поставуваат на механичка вентилација. Концептот во меѓувреме уште од почеток на кризата се смени. Едно време на почеток беше таа препорака за механичка вентилација, после за неинвазивна вентилација со што се опремени сите ковид-центри, посочи Филипче.

Во однос на соработката со Светската здравствена организација, министерот нагласи дека е во комуникација со регионалниот директор на СЗО за Европа, Ханс Клуге.

– Повеќе пати сме разговарале со оглед на тоа што ова бара една детална анализа и на ситуацијата со хроничните болести во нашата земја. Експертизата е добродојдена. Добро е и да слушнеме искуства од други земји и од нив како експерти за да дознаеме што повеќе, додаде Филипче.