Дуњата содржи изобилство на витамини, а во народната медицина се користи со децении. Пред сè се користи за ублажување на кашлицата и смирување на стомачните тегоби. Дуњата може да се јаде свежа, но може исто така од неа да се прават сокови, компоти и сирупи кои се еднакво ефикасни во отстранување на многу здравствени проблеми.
Плодот од дуњата изобилува со витамини и минерали. Содржи витамин Ц во големи количини, дури во него има повеќе од тој витамин отколку во лимонот, потоа содржи витамини Б1 и Б2, ниацин, каротен, калциум, магнезиум, бакар, калиум, натриум, цинк, железо, манган, натриум, хлор. Покрај тоа содржи и протеини, диетални растителни влакна и јаглехидрати.
Најлековитиот дел од дуњата се семките од кои се прави чај. Кога ќе отстојат во вода, семките испуштаат слуз која ги решава проблемите со кашлица и ги чисти дишните патишта. Покрај тоа, содржи и големи количини на амигдалин, односно витамин Б17 кој има антиканцерогено дејство. Семките се богати и со масти, танин, пектин, шеќери, емулзин. Благодарение на танинот и слузта, дуњата поволно делува на работата на цревата и спречување на инфективни болести. Пектинот поволно влијае на крвниот систем, помага во намалување на високиот крвен притисок и дава заштита од радиоактивни зрачења.
Сокот од дуња може да излечи кашлица, астма и дијареја, додека пак печена или пак варена дуња се препорачува на анемични лица, но и за лекување на воспаление на желудочна и цревна слузокожа. Може да помогне и кај обилните менструации.