На денешните протести во Кабул жените ги побараа своите права на работа и образование и ја повикаа меѓународната заедница, потенцирајќи дека „светот гледа и молчи додека тие умираат“. Десетина од нив ризикуваа да го предизвикаат гневот на талибанците, кои им забранија демонстрации и со сила ги задушија неколкуте откако во август ја презедоа власта во Авганистан. Пред исламистите да ги отстранат медиумите што го покриваа протестот, активистите успеаја да ги истакнат транспарентите со барањето на правото на образование и работа.

-Бараме од генералниот секретар на ОН да не поддржи во остварување на правото на образование и работа. Во моментов, сè ни е забрането, изјави Вахида Амири, една од организаторките на Спонтаното движење на жени активистки во Авганистан, пренесуваат француските медиуми.

Нивниот протест, што се однесува на, како што се вели, „политичката, социјалната и економската ситуација“ во Авганистан, требаше да се одржи во близина на мисијата на ОН (УНАМА), но во последен момент беше преместен на друга локација.

Симболичните демонстрации на жените станаа честа појава во Кабул во последните неколку недели, бидејќи талибанците се уште не им дозволуваат да се вратат на работа, а на повеќето девојчиња сè уште им е забрането да одат на училиште.