Генералниот директор на Светската здравствена организација (СЗО) Тедрос Аданом Гебрејесус денеска изјави дека разговарал со кинескиот премиер Ли Кечијанг за потребата од зајакнување на соработката во одредувањето на потеклото на Ковид-19.
– Мило ми е што се сретнав со премиерот Ли Кечијанг. Разговаравме за Ковид-19 и потребата од поголеми напори за да се направи вакцината подостапна, а пристапот кон имунизација поправеден за да можеме да вакцинираме 70 отсто од светското население оваа година, напиша Тедрос на Твитер.
Тој наведе дека разговарале и за „потребата од воспоставување посилна соработка во утврдувањето на потеклото на коронавирусот, врз основа на наука и докази“.
Минатата година, СЗО формираше Научна советодавна група со задача да го утврди потеклото на новите патогени и ја повика Кина да обезбеди необработени податоци за да помогне во истрагата, но Кина одби, повикувајќи се на правилата за приватност на пациентите.