Истражување: Во македонските училиштата најприсутно е физичкото насилство

Бројките од истражувањето што го спроведе Аналитика тинк тенк за насилство во училиштата се поразителни – 63 проценти од учениците истакнуваат дека насилството често се случува, а само 20 отсто…

Бројките од истражувањето што го спроведе Аналитика тинк тенк за насилство во училиштата се поразителни – 63 проценти од учениците истакнуваат дека насилството често се случува, а само 20 отсто рекле дека тоа се случува ретко.

Аналитика тинк тенк го спроведе истражување со 305 ученици од скопските средни училишта „Здравко Цветковски“, „Зефљуш Марку“ и „Шаип Јусуф“ во рамки на проектот поддржан од канадската Амбасада – „Промовирање на култура на мир и спречување на насилство како основни вредности во образовниот систем во Република Македонија“.

– Во истражувањето беа вклучени ученици од средните училишта кои се од мешан етнички состав, од различни етнички заедници, кои и покрај тоа што се образуваат заедно, со самата желба да учествуваат во прашалникот демонстрираат желба дека сакаат да бидат вклучени во решавање на проблемот, а тоа е насилно однесување кај децата и негова превенција, изјави за Бојана Мијовиќ Христовска од Аналитика Тинк Тенк.

Таа додава дека само пет проценти од учениците кажале дека не биле сведоци на насилство.

– Она што е многу важно е дека 70 проценти од учениците истакнуваат дека и покрај тоа што биле сведоци на насилство не го пријавиле од бројни причини меѓу кои најважни се таа дека не знаат на кого да пријават и стравот дека ако пријават ќе бидат следната жртва на насилство, посочува Мијовиќ Христовска.

Исто така, 83 проценти од учениците истакнале дека девојчињата се повеќе жртви на родово базирано насилство. Учениците истакнуваат дека најприсутно е физичкото насилство, односно 60 проценти кажуваат дека од обични навреди тоа прераснува во физичко насилство, додека 40 проценти истакнале дека се среќаваат и со психичко и со сајбер насилство.

Препораки се активно вклучување на наставниот кадар, сензибилизација на учениците, односно активно вклучување во правилниците кои ги носи училиштето со тоа што се создава обврска кај истите ученици да ги почитуваат тие правилници – кодекс на однесување, да учествуваат во работилници, а не само сувопарно предавање за тоа што е насилство и како да се превенира, активно да се случуваат симулации на случаи каде што се случува насилство за да видат тие самите како треба да постапуваат и зошто не треба нешто да се случува. Потоа, стручните служби исто така да бидат активно вклучени, а секако и поголемо анимирање на родителите.


Related Articles