Марко Кавалери, задолжен за вакциналната стратегија во ЕМА, порача дека е важно луѓето да продолжат да се вакцинираат против ковид во пресрет на зимата, пренесоа македонските медиуми. Засега ситуацијата со Ковид-19 во Европа е стабилна, а сојот омикрон БА5 сѐ уште е најзастапен кај заразените, информираше Европската агенција за лекови, ЕМА. Иако трендот на инфекции се намалува во сите земји на ЕУ, болеста сѐ уште е присутна.
– ЕМА врши мониторинг за подобро да го разбереме бранот, екстремно тешко е да се прават предвидувања, вирусот продолжува да мутира многу брзо и мораме да ги следиме новите мутации, посочи Марко Кавалери од ЕМА, истакнувајќи дека од многу блиску се следи новиот сој што се појави во Индија, БА75.
ЕМА уште еднаш повика да се продолжи со вакцинација и ревакцинација на населението, приоритетно за најранливите категории на граѓани, како постарите луѓе, имунокомпромитираните, лицата со коморбидитети и бремените жени, како и дека сите треба да ги следат препораките на нивните национални власти во однос на вакцинацијата.
Во овој контекст, ЕМА ги следи и трендовите на новите подобрени вакцини против Ковид-19, неодамна одобрени во ЕУ. Ефикасноста, велат од Агенцијата, е убедлива, но сѐ уште се потребни докази во реалниот свет за да се знае која вакцина е најефикасна за кого. Подобрените вакцини кои го инкорпорираат сојот омикрон даваат силен имунолошки одговор, а во некои случаи се поефикасни од првичните вакцини.