Претседателот на Сојузот на здруженијата на дијабетичарите, Диме Велев, во изјава за дел од електронските македонски медиуми, деновиве зборуваше за недостигот на терапија и необјавувањето на тендерските процедури. Тој посочи дека се уште немаат никакви информации дали се распишани јавните набавки за инсулин и за пациентите со ретки болести. Оттука како што изјави тој, се наметнува стравот дека ќе има недостиг на терапија.
– Стравуваме дека ќе биде како со дел од таблетарната терапија што ја нема и пациентите сами си ја купуваат. Веќе има сигнали дека, и јас не сум за паника, но дека ние ќе се соочиме со недостиг на терапија. Ние уште од ноември бараме средба со министерот, меѓутоа ниту некој ни се јавил, ниту не исконтактирал, вели во својата изјава претседателот Велев.
Министерот за здравство Беким Сали, како што пренесуваат дел од медиумите, одговорил дека тендерот не е распишан, но со анекси се набавуваат количини и нема потреба од паника кај пациентите.
Претседателката на здружението „Живот со предизвици“, Весна Алексовска, пак посочила деказа пациентите со ретки болести проблемот мора да се реши на долгорочни стази од страна на здравствениот сектор во државава. Без терапија доаѓа до влошување на состојбата кај пациентите, оние кои и не почнале со примање на лекот можат да го загубат животот, а кај трети нема враќање од последиците, објаснува таа за еден од македонските медиуми.