Комисијата за здравство на ВМРО-ДПМНЕ преку статус на Фејсбук пишува дека власта го намалила буџетот за рана детекција на малигни заболувања за 2 милиони денари во однос на лани.
– За 2 милиони денари во однос на 2022 година, намален е буџетот за Програмата за рана детекција на малигни заболувања за годинава. Паралелно на превентивните активности кои се опфатени во оваа Програма, пациентите со малигни заболувања во континуитет се соочуваат со проблеми за обезбедување терапија.
Вака оваа власт го одбележа месецот јануари, посветен за борба против ракот на грло на матка и уште еднаш јасно покажа каква е заложбата и третманот кон пациентите со малигни заболувања. Ова намалување на средства, ќе влијае на превенцијата вклучувајќи го и опфатот на жените опфатени со програмата за скрининг на ракот на грлото на матката.
Зошто се намалени овие средства од Програмата и за која цел се пренаменети? Зошто надлежните наместо да овозможат што поголем број жени да бидат опфатени со скринингот, го направиле токму спротивното?
Ракот на грлото на матката е четврт најчест тип канцер кај жените во светски рамки. Во нашата држава во просек годишно заболуваат околу 150 жени од рак на грло на матка, стои во нивниот пост на Фејсбук.