Во просториите на Црвен крст на Република Македонија се одржа состанок на Одборот за транспарентност за собрани донации од акцијата на Црвениот крст за помош на настраданото население од катастрофален земјотрес во Република Турција и Сириска Арапска Република.

– По повод силниот катастрофален земјотрес кој на 6 февруари 2023 година ги  погоди Турција и Сирија предизвика големи материјални штети, повредени и за жал човечки загуби, Црвениот крст на РМ веднаш упати повик за обезбедување на донации во парични средства  од граѓаните и правните субјекти, но и материјални добра приоритетно потребни за настраданото население. На 20.03.2023 година Црвениот крст на РМ организираше настан со цел да се заокружи хуманитарната акција за помош, се наведува во соопштението од Црвениот крст на РМ.

На состанокот генералниот секретар на Црвен крст на РМ, Саит Саити ги информираше присутните за преземените активности и дека вкупно беа собрани 71 милиони денари од кои речиси девет милиони денари се во материјална хуманитарна помош, а останатите се во финансиски средства.

Членовите на Одборот на состанокот направиле увид на уплатените средства во Фондот на солидарност на Црвениот крст на РМ – донации од правни субјекти и граѓани, преку финансиски документи кои беа ставени на располагање (преглед на изводи на уплатени средства).

– Дискутирано беше и за поделбата на износите од донациите кои немаат изразена намена на средства за која земја, начинот како ќе биде префрлена односно соодносот по настанати жртви ќе се земен за сооднос за пресметка за префрлање на средства. За населението во Турција ќе се префрлат средства на сметката на Турска Црвена полумесечина додека средствата за населението во Сириската Арапска Република ќе бидат префрлени на наменскиот повик за донации на Меѓународната Федерација на друштвата на Црвен крст и Црвена полумесечина, се наведува во соопштението од Црвениот крст на РМ.