По раскрсници, улици и кафеани во Скопје, малолетни девојчиња пружаат рака за да побараат милостина од луѓето минувачи. Нивната дневна рутина почнува од 10 часот наутро, па се до вечерните часови, па дури и во времето кога нивните врсници се на училиште.
„Бараме пари затоа што ни требаат. Не одам на училиште. Излегувам од 10 часот наутро“
„Барам пари бидејќи немам. Доаѓам од 10 часот наутро и ќе останам до 2 часот. Не е тешко, но не е добро. Луѓето не даваат многу пари“ кажуваат децата питачи со кои стапивме накратко во контакт
Според податоците на детската амбасада „Меѓаши“, ова се само две од 2000 други деца кои питачат низ градските улици.
Од Министерството за труд и социјална политика велат дека ова не може да се реши за еден ден, туку дека треба да се изнајде долготрајно и соодветно решение.
Според податоците на Министерството за труд и социјална политика само во периодот јануари-март годинава евидентирани се 21 дете питач. Најголем број од нив е евидентиран во Скопје, потоа следуваат Прилеп, Куманово, Штип, Кочани, Струмица и Тетово, а во текот на летната сезона најмногу има во Охрид и во Струга.