Вкупно 482 деца Роми не посетуваат настава во двете основни училишта во скопската општина Шуто Оризари, покажуваат резултатите од истражувањето што во периодот мај-јуни годинава го спроведе Асоцијацијата „24 Вакти“ во рамки на проектот „Инклузија преку мобилизација“.

Според истражувањето, најкритичен е периодот од прво до петто одделение, кога најмногу децата Роми го напуштаат образованието.

– За осипувањето на учениците од основните училишта има неколку причини како што се внатрешните и надворешните миграции, како и социо-економската ситуација кај Ромите, изјави Сали Мемед, координатор на проектот пред почетокот на денешната презентација на резултатите од истражувањето.

Најголем е процентот на 16-годишните деца кои се надвор од образовниот процес, по што следуваат оние со 15 и 14 години. Во дел од анализата направена по повод истражувањето се наведува дека не може да се очекува 14-годишни деца со завршено второ или трето одделение да се вратат во училишните клупи заедно со осумгодишните деца кои редовно посетуваат настава и се трето одделение поради што потребно е да се креираат посебни програми во рамки на редовното образование кои ќе овозможат проодност на овие деца во повисоките одделенија.