Според информации на НоваТВ.мк има снемано вакцини против грип во скоро сите градови во државата. Директорите на Центрите за јавно здравје во моментот се во Министерството за здравство каде се одржува состанок со цел да побараат нови дози на вакцини. Само два дена откако започна вакцинацијата вакцини снема во Центарот за јавно здравје во Велес.
Од Институтот за јавно здравје имаат потврдено дека 6.895 од комерцијалните вакцини се потрошени, а 8.150 вакцини се веќе закажани преку Мој термин.Вакцинацијата според прогнозите на министерството требаше да трае уште две недели, а вакцини нема. Во Центрите за јавно здравје велат дека годинава има повеќе вакцини од претходните години, но и интересот е поголем заради промотивната кампања.
Годинава вакцините против грип се дури за 62% поскапи од минатата година.Самото министерство за здравство тоа го правдаат со фактот дека годинава вакцините биле четиривалентни, за разлика од претходно кога биле тривалентни.Истите тие вакцините се производство на француската фармацевтска компанија „Санофи Пастер“, а набавени биле преку веледрогеријата Елбиор. Вакцината против грип е незадолжителна, но е препорачана за хронично болните и возрасните пациенти.