Од неодамна во медиумите проструи информација дека по рафтовите на одредени маркети и во фрижидерите веднаш до останатата вода за пиење, се продава и вода на чија амбалажа со ситни букви пишува дека покрај другите елементи содржи „мултифрут екстракт од семе од коноп“. Според нашите информации овој производ е достапен, односно може да се купи и он-лајн на интернет.

Релакс водата со канабис не е одобрена од Агенцијата за храна и ветеринарство бидејќи како што велат од таму, Агенцијата немала законска обврска за одобрување на овој вид производ. Ова го објаснуваат со фактот дека оваа категорија на „освежителни“ производи не подлежи на посебна постапка за одобрување бидејќи компанијата веќе произведува вода за која има одобрение.

„Посочениот производ не е одобрен од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) бидејќи Агенцијата нема законска обврска за одобрување на овој вид производ. Не станува збор за енергетски пијалак туку за производ од групата на освежителни безалкохолни пијалаци – вода со арома. Производот содржи екстракт од семе од коноп кое не содржи опојна состојка Тетра хидро канабинол (THC). Компанијата во АХВ е регистрирана како оператор кој полни природна минерална вода, која е одобрена од страна на Агенцијата“, се вели од Агенцијата за храна и ветеринарство.

Од АХВ велат дека екстрактот од семе од канабис кој се наоѓа во водата според меѓународната класификација не се наоѓа на листата за опојни дроги. Од таму велат дека компанијата производител екстрактот го набавува од странство. Но не знаат дали овој производ може да го користат деца со оглед на тоа што се наоѓа на рафтовите веднаш до другата флаширана вода.

На амбалажата со ситни букви покрај другите елементи од составот е наведено дека содржи „мултифрут екстракт од семе од коноп“. Никаде не е назначено дали и во кој процент содржи CBD (канабидол), бидејќи само тоа е дозволено за слободна употреба и дали со сигурност во својот состав ја нема психоактивната супстанца THC или траги од истата.

Објаснување мора да има и на амбалажата, за потрошувачите да не бидат доведени во заблуда или бидат измамени, да се објасни детално што содржи, во колкава количина е и дали можат да го пијат и деца.