Албанија веќе неколку дена има едноцифрен број на заболени од Ковид-19, а денеска се регистрирани само два нови случаи од направени 3 593 тестирања. Албанија е земја со нешто повеќе од 2 милиони и 800 илјади жители, а веќе пет дена по ред не е регистрирано ниту едно починато лице.

Од почетокот на пандемијата во Албанија се дијагностицирани вкупно 132.374 лица, починале 2.451 лица, а оздравеле 129.627 лица. Во меѓувреме продолжува вакцинацијата според зацртаната динамика. Како што информираше министерката за здравство Огерта Манастирлиу, досега опфатени се над 785.000 лица, од кои над 210.000 со двете дози.

На инфективната клиника во Тирана моментно, болнички се лекуваат 28 пациенти, од вкупно активните 296 случаи. Ковид пациенти веќе десеттина дена се третираат единствено во оваа клиника, откако поради намалениот број заразени беа затворени болниците ковид два и три во Тирана и петте регионални ковид болници.