Анкетната комисија за случајот на Клиниката за онкологија денеска продолжи со работа со сослушување на поранешните и актуелните директори на Фондот за здравствено осигурување на Република Македонија: Орхан Рамадани, Фатон Ахмети, Магдалена Филиповска Грашковска, но и раководителот на секторот за финансиски прашања на ФЗОМ, Миле Сугарев.
Денешната седница се водеше од страна на потпретседателот на Анкетната комисија Александар Велјановски, кој сослуша и сведоци и експерти, но беа и разгледувани акти и документи.
Пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Дајанчо Ефтимов посочи дека недозволиви се тврдењата од страна на поранешните министри кои вчера се согласија дека има несоодветно трошење на средства од Буџетот.
– Рековте дека 90 проценти од здравствените установи имаат ненаменски трошења, тогаш ако вчерашните тврдења беа во насока дека се за обезбедување на одредена терапија тогаш вие Миле Сугарев кажавте дека секоја установа и директор користи средства спротивно на прописите за некој други намени за кој не им се одобрени, тоа мислам дека сте свесни дека е кривично дело и досега требало да се санкционира, а не да се воспостави пракса по која ќе се движат и се движеле и претходни и понатамошни директори и идни директори, изјави Ефтимов.
Пратеникот Љупчо Пренџов од ВМРО-ДПМНЕ се обрати со неколку прашања поврзани со работата на ФЗО. Прашањата ги постави до Миле Сугарев, раководител на сектор за финансиски прашања и вд директор на ФЗО, шест месеци пред Магдалена Грашкоска.
– Според кои акти и на кој начин ги распоредувавте средствата за Онкологија посебно условните буџети, кои се производители и кои се дистрибутери на скапите биолошки лекови за кои одобрувавте средства, дали сте свесен како човек и директор за нефункционирање на здравствениот систем воопшто со акцент на Клиниката за онкологија, го праша Пренџов, Сугарев од ФЗО. Во продолжение Пренџов заклучи: „не е нормално таа девијација да ни ја претставувате како нешто нормално“.
Петар Ристески, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ на денешната собраниската Анкетна комисија за случајот Онкологија се осврна на изјавите на екс министерот Венко Филипче и сегашниот министер за здравство, Фатмир Меџити кои биле сосема спротивни изјави. Ристески во текот на своето обраќање упати прашање до Миле Сугарев, раководител на Сектор за финансиски прашања и в.д на Фондот за здравствено осигурување во период од шест месеци кога немал ФЗО директор, дали Фондот извршил редовни или вонредни контроли во периодот од 2018 до објавувањето на извештајот од државниот завод за ревизија и доколку извршил што покажале тие контроли?
Анкетната комисија за случајот со Клиниката за радиотерапија и онкологија беше формирана на 29 септември откако Јавното обвинителство отвори предистражна постапка за овој случај по медиумските објави за наводни злоупотреби на работната позиција и нерегуларности поврзани со третманот на пациентите од оваа клиника.