Станува збор една петтина од вкупниот број на аптеки кои чекаат да бидат вклучени во мрежата за да можат да издаваат лекови на рецепт, откако пред шест месеци министерот Филипче најави дека од август ќе започне процедурата и со тоа ќе се реши проблемот со недостиг на лекови

Аптеките кои немаат договор со Фондот за здравство се уште чекаат да започне процедурата за да влезат во мрежата со другите аптеки за да можат и тие да издаваат и лекови на рецепт.

Станува збор за 20 проценти од вкупниот број на аптеки во државата кои работат само со комерцијални лекови и одвај опстануваат. Овие аптеки немаат можност да издваат лекови на рецепт со што и на граѓаните кои бараат услуга во тие региони им е скратено правото на подигнуваат лекови на рецепт. Такви аптеки има има и во некои места кои се оддалечени од градовите, а луѓето кои живеат таму се принудени да си ги купуваат лековите.

Дел од сопствениците на овие аптеки од неколку места во државата кои се обратија во НОВА, велат дека откако министерот Филипче јавно се изјаснил дека од крајот на август ќе започне административната процедура за пристап на овие аптеки во мрежата и потпишување на договори со ФЗОМ,  од тоа се уште нема ништо.

„Ниту сме почнале процедура, ниту не известиле нешто. Побаравме одговор од Министерството за здравство, но никој ништо не кажува. Прво ни рекоа дека постапката ќе започне во октомври, па во ноември но, се уште од тоа нема ништо. До 1.ви јануари има неполн месец, не знаеме како и кога мислат да ја реализираат процедурата“, велат за НОВА, сопственици на аптеки кои од разбирливи причини сакаа да останат анонимни.

НОВА побара одговор од Министерството за здравство до каде е постапката и дали овие аптеки ќе бидат вклучени во мрежата и со тоа ќе имаат рамноправен статус со сите останати аптеки. Од таму со одговор дека овие аптеки се предмет на анализа.

„Поради укинувањето на квотите за лекови во аптеките и анализа и согледување на ефектите од самото укинување, процесот на проширување на мрежата со аптеките кои функционираат самостојно т.е немаат договор со ФЗО во момент се предмет на анализи и согледување на вкупните ефекти“, се вели во одговорот на Министерството за здравство.

Во јуни годинава министерот Филипче најави дека за првпат досега ќе се направи чекор, од  1 јануари 2020 година аптеките кои немаат договор со ФЗОМ да бидат вклучени во мрежата заедно со другите аптеки.

„Во периодот што следува кон крајот на месецот ќе започне и официјално административната процедура на вклучување на сите аптеки кои што во моментот не се во мрежата на здравствени установи, за истите да се вклучат. Да можат и тие да станат дел од овој систем, а во исто време ќе почнеме и со проширување на проширување на мрежата за прием на нови специјалистички ординации“, изјави министерот Филипче на 20.06.2019 година.

Со ова проширување на мрежата, како што рече Филипче ќе се надмине проблемот со недостиг од лекови на рецепт во аптеките во текот на месецот, што се провлекува со години, поради што не може да се подигне лек на товар на Фондот за здравствено осигурување.