Власта на голема врата продолжува со партиски вработувања кои немаат крај, обвинува опозицијата. Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека СДСМ бесрамно го спроведува планот за партизација на државните институции. Списоци изготвени по кафеани, велат, станале основен критериум за државно вработување кое го плаќаат граѓаните. Само во државната ЕЛЕМ, во подрачната РЕК Осломеј во Кичево, се вработиле над 40 луѓе.

  • Списоците од партискиот состанок можете да ги видите на Екранот позади мене. Се работи за луѓе кои што се членови на СДСМ од Кичево и околните места, на кои им било ветено во предизборието дека веднаш по доаѓањето на власт ќе бидат вработени во РЕК Осломеј. Очигледно е дека се вработуваат само луѓе со партиска книшка од СДСМ. Не гледајќи на образование, искуството, професионалноста, СДСМ грубо ја партизира државната администрација, рече Димче Арсовски од ВМРО-ДПМНЕ.

Од ВМРО-ДПМНЕ ги прашуваат во СДСМ, колку точно луѓе од партиските списоци се вработени во РЕК Осломеј изминативе 2 месеци и колкави плати земаат истите од грбот на граѓаните? За ова ли Заев, велат од партијата, ги чистеа институциите од чистачка до министер?

  • Сите овие партиски војници што се вработуваат директно преку партиските штабови на СДСМ паѓаат на грбот на граѓаните. Граѓаните ги плаќаат сите партиски војници на кои што им должи било какви услуги Зоран Заев од предизборието, додава Арсовски.

Платата од 500 евра граѓаните ќе ја чекаат во подобри времиња. Ќе почека и онаа од 100.000 денари за докторите. Дотогаш, Заев ќе ги плаќа само луѓето на кои им должи услуга и кои со години ги манипулираа граѓаните, обвинуваат од ВМРО-ДПМНЕ. Велат дека час поскоро мора ова лудило да престане, оние кои ги излажаа граѓаните во предизборието да паднат од власт.